За утре, среда – 26 февруари, во 09:30, часот пред Основен Суд, Скопје закажан е протест за под името „За Феликс. За животните. За правна држава. За правда“.

Протестот инициран од „Анима мунди“ ќе се случува истовремено со првото рочиште по кривичната пријава која ја поднесоа против Љубе Крстевски поради претепување до смрт на безомното куче Феликс со метална шипка кај Момин Поток.

Здружението бара најстроги казни за мачење и убиство на животните, без олеснителни околности и мерки.

„Тој ѕверски, со умисла, употреба на најголема сила и 10 удари со метална шипка по глава во заграден простор и без можност да се избави и спаси, удираше несреќно бездомно куче. До безсозание, со намера да оди до смрт за да потоа со помош на друго лице врзе и фрли како да е предмет и најобично ѓубре. Во друштво на четири полнолетни лица, мажи, мирно бездомно куче е удирано, најкрвнички и со сета сила, без било кој да интервенира додека кучето урлика од болка и не можејќи да избега или се спаси; но затоа асистенти кога требаше околу врат да се врзе со метална жица, влече и фрли како ѓубре. Соучесници. И ова немаше да го видиме, ова немаше да го дознаеме да не беше снимено. „Љубе со другарите“ се ликот на секој еден кој во оваа држава се изживува, коле, беси, труе животно. А Феликс е секое друго животно, секое друго несреќно битие оставено само на себе да страда и умира во пеколни маки, душа која не успеавме да го спасиме. Молкот ги охрабрува и помага сторителите, никогаш оној кој е жртва. Ако ова само немо го набљудуваме, учествуваме во колективната деградација и дегенерација на се што е нормално, хумано, човечно во нашата држава“, велат од „Анима мунди“.

Досега, во судската пракса, ниту еден сторител на ова кривично дело не добил затворска казна, туку условна или парична казна, не повисока од 300 евра. Според активистите, ваквата судска пракса не го спречува насилството врз послабите – напротив, го охрабрува.

„Зелен хуман град“ кои го поддржаа протестот бараат да се промени досегашната судска пракса и да наместо изрекување на парична казна во максимален износ од 300 евра или условна казна, да се изрече ефективна казна затвор за сторителите. Бараат и законска забрана за размножување на кучињата, освен во случај на регистрирана одгледувачница, регулирање и воведување данок за таа дејност, законска забрана за напуштање миленици, како и закон за задолжително регистрирање (со микрочип) на сите миленици уште од раѓање. Се бара и прецизна законска регулација на трговијата со домашни миленици во пет-шоповите и одгледувачниците (кучиња/мачки).

Се бара и веднаш да се донесе национален акт за унифицирање на програмата во сите прифатилишта во Македонија, според принципот „залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“, но на плански, брз и масовен начин, во обем што одговара на реалните потреби на општините. Во првата година мора да се заловат најмалку 75% од бездомните кучиња, со што во наредните години стапката на заловување би била значително пониска, а решението – трајно и одржливо. Ова мора да се спроведе доследно, без импровизации и без прекини, пораачаа од „Зелен хуман град“.