Во најмалку шест туниски градови, вклучувајќи ги и главниот град Тунис, како и крајбрежниот град Сус, синоќа избија насилни протести, предизвикани од тешката економска состојба во земјата, јавија британските медиуми, повикувајќи се на изјави на сведоци.

Протестите се одржуваат во време кога Тунис ја одбележува десетгодишнината од востанието што од власта го симна починатиот претседател Зина Ел Абидин Бен Али, а со тоа почна и „арапската пролет“ во повеќе земји од регионот.

Очевидци од Сус изјавија дека безбедносните сили фрлиле солзавец за да ги растераат стотиците лути демонстранти, кои блокираа патишта и запалија гуми. Безбедносни извори наведуваат дека демонстрантите во Сус упаѓале во продавници.

Судири се случија и во градот Калаа Кебира, во близината на Сус

Една деценија по востанието против широко распространетата невработеност, сиромаштија, корупција и неправда, Тунис тргна кон демократија, но неговата економска состојба се влоши и земјата сега се наоѓа на работ на банкрот. Премиерот Хикем Мечичи вчера смени 12 министри во владата, назначувајќи нови во министерствата за внатрешни работи, за правда, за енергетика, и другите ресори. (МИА)