Папата Франциско, кој се лекува во болница од воспаление на белите дробови, не е во животна опасност, но не е целосно закрепнат и неговата состојба може да се промени, изјави денеска неговиот лекар.
„Дали е надвор од опасност? Не. Но, ако прашањето е ‘дали е во животна опасност’, одговорот е не“, рече Серхио Алфиери на прес-конференција.
Франциско се лекува во болницата Гемели во Рим. Тој беше хоспитализиран на 14 февруари, откако неколку денови имаше потешкотии со дишењето.
Неговиот медицински тим рече дека папата можел да стане од креветот и да седне на стол за да заврши некоја работа.
Лекарите прогнозираат дека тој „превентивно“ ќе остане во болница барем цела наредна недела, но нагласуваат дека не е приклучен на ниту една машина и се шегува со посетителите.