Фондацијата Бугарска Памет го изнесе својот став во врска со клеветите изнесени од MHRMI (Macedonian Human Rights Movement International), јавува Трибуна. Соопштението ви го пренeсуваме во целост:

„Почитувани претставници на медиумите,
Фондацијата Бугарска памет категорично ги отфрла сите клевети направени и распространети од страна на Македонското меѓународно движење за човекови права (MHRMI)!

Во соопштението за печатот објавено на веб-страницата на MHRMI и објавено во голем број медиуми се тврди дека Фондацијата Бугарска памет „изградила криминална организација во нејзините обиди за насилна асимилација на Македонците во Албанија, да ги фалсификува резултатите од пописот и да учествува во незаконски активности поврзани со бугарски пасоши и издавање лажни потврди“.

Овие клеветнички наводи, се разбира, немаат врска со реалноста! Тие претставуваат уште еден груб обид да се оцрни доброто име на нашата организација и имаат за цел да ги поткопаат нашите напори за продуктивно разбирање и соработка во регионот на Мала Преспа во Албанија.

Ваквите хибридни, дезинформациски „изјави“ ја оддалечуваат Северна Македонија од бараниот европски имиџ и исто така имаат улога во оддалечувањето на Албанија и Северна Македонија од процесот на европска интеграција.

Фондацијата Бугарска памет има доволен број и европски признанија за своите активности. Нејзиниот претседател, д-р Милен Врабевски, е носител на највисокото признание на Европскиот парламент – наградата „Европски граѓанин на годината 2013“ заради финансираните од него проекти за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Република Северна Македонија.

Сите наши иницијативи не само што ги следат строго законите во Република Бугарија и меѓународните норми, туку и ја имаат поддршката на бугарските институции.

Обидите да бидеме вовлечени во конфликти и ширење омраза меѓу етничките групи не само што се неодговорни, туку и се штетни за регионалната стабилност и соработка.

Со оглед на сериозноста на клеветничките наводи на MHRMI, Фондацијата Бугарска памет ќе ги преземе сите законски мерки за заштита на својот углед против секоја организација или физичко лице кое шири слични лаги“, се вели во соопштението на Фондација Бугарска Памет.