Британскиот премиер Кир Стармер сподели кратко видео на социјалните мрежи од француската престолнина, велејќи дека сите сакаат мировен договор – но дека тој мора да биде траен.

„Сите на континентот мора да се заложат за колективна безбедност“, додаде тој.

Од Париз изјава даде и германскиот канцелар, Олаф Шолц.

Тој нагласи дека поддршката за Украина мора да продолжи, додавајќи дека на Киев не може да му се наметне никаков диктат, пренесува Ројтерс.

Истакна дека доколку европските земји потрошат повеќе од 2 отсто од БДП за одбрана, Германија смета дека тоа не треба да биде дел од буџетските ограничувања на ЕУ.

Најави дека Германија ќе продолжи да инвестира во воени трошоци и дека мора да биде пофлексибилна со буџетските правила.

Десетина лидери на европски земји пристигнаа денес во Елисејската палата на итен состанок за Украина и одбраната, додека американскиот претседател, Доналд Трамп, се подготвува директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин. Средбата се одржа на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон за да започне консултации за ситуацијата во Украина и предизвиците што таа ги поставува за безбедноста во Европа. Средбата беше договорена за кратко време за време на безбедносната конференција одржана во Минхен минатиот викенд, по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин. Земјите од ЕУ и Украина се загрижени поради можноста САД и Русија да се обидат да постигнат билатерално мировно решение.