Јавниот обвинител, Љупчо Коцевски со месеци штити поранешни функционери на Социјалдемократскиот сојуз, обвинителството го претвори во нивна испостава, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

Како што рече, МВР и другите институции покренале десетици постапки, а реализацијата од Обвинителството е рамна на нула.

Според владејачката партија, Коцевски е послушник на СДСМ, а дека Обвинителството не е на нивото на задачата говори и последниот извештај на Транспаренси, во кој дури 4 точки се однесуваат на состојбите во обвинителството и судството.

„ЈО водено од Љупчо Коцевски се стави во целосна заштита на функционери на СДС и нивни блиски лица, кои со години ја крадеа државата. Дополнително Љупчо Коцевски спроведуваше класично незаконие, како последното поставување на вршител на должност шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во Законот за јавното обвинителство“, рече Петрушевски.

Владата на седница донесе одлука за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.