Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска во Рим, на министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, со кој претседаваше, изјави дека целта е сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ до 2030 година.
„Можеби може да потрае подолго за Босна и Херцеговина, но Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија имаат потенцијал да ги исполнат овие рокови“, рече Тајани.
Тој посочи дека целта на средбата е да се забрза пристапот на земјите кои не се членки на ЕУ, пренесе Анса. За Италија не е интересен само политичкиот, туку и економскиот аспект“, вели Тајани.
Тој потсети дека пред неколку дена имаше бизнис форум во Србија и дека се надева дека извозот на Италија на Балканот може да расте.
Тајани ја истакна важноста на Трст, град кој, како што наведе, може да биде главно референтно пристаниште на целиот Балкан.
На крајот од средбата во Рим беше објавено финално соопштение во кое се нагласува дека повторното обединување со Европската унија останува јасен знак за стратешката ориентација на Западен Балкан.
Се нагласува дека иднината на регионот е во ЕУ и дека, според тоа, процесот на интеграција на Западен Балкан мора да остане приоритет и за земјите членки и за земјите кандидати.
„Сè уште се потребни натамошни решителни напори за промовирање на регионалното помирување и стабилност“, се наведува во документот.
Во соопштението се наведува дека сите учесници ја истакнале потребата од зајакнување на соработката меѓу ЕУ и регионот, како и потребата од зајакнување на соработката и стратешкото партнерство во управувањето со миграцијата, во борбата против криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и сите форми на организиран криминал.
„Го поздравуваме континуираниот ангажман на партнерите во заедничката европска одбранбена и безбедносна политика, вклучувајќи го и нивниот придонес во мисиите и операциите на ЕУ“, се наведува во завршниот документ, пренесува Танјуг.
Целта на состанокот е да се задржи високото внимание на ЕУ за регионот, промовирајќи го забрзувањето на процесот на интеграција.