Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска одржа работна средба со претставници на Светска Банка, на која се разговараше за активностите поврзани со Проектот за подобрување на социјалните услуги кој се реализира со поддршка на Светска Банка.

Проектот опфаќа три компоненти: промовирање на социјалната вклученост преку подобар пристап до парични надоместоци и услуги; проширување на пристапот и подобрување на квалитетот во системот за згрижување и воспитание и управување со проектот, мониторинг и евалуација.

На средбата од двете страни беше изразено задоволство од досегашниот тек на проектот, неговата реализација и посветеност на сите вклучени во него, што води кон остварување на заедничката цел – испорака на квалитетни услуги кон граѓаните.

Потврда за успешноста на проектот се активностите кои се во тек, а тоа се вклучување на нови 13 општини кои се избрани за проширување на групи во други просторни услови, со што се овозможува влез на нови деца во предучилишниот процес.

Понатаму, изразувањето на интерес на 55 општини за грант за развој на социјални услуги, за што ќе биде објавен и Јавен повик за аплицирање веќе следната недела. Општините заедно со потенцијални даватели на услуги ќе може да аплицираат за грантови наменети за проекти за развој на социјалните услуги: услуги во домот (Помош и нега во домот) и услуги во заедницата (Дневен престој за лица со попреченост, Дневен престој за лица со попреченост со индивидуална работа, Дневен престој за стари лица, Дневен престој за стари лица со активно стареење).

На општините кои ќе изразат интерес за добивање грант за развој на социјални услуги, ќе им се обезбеди поддршка за подготовка на проектната апликација, од страна на единицата за управување со проектот.

На средбата се разговараше и за активностите околу развојот на Електронскиот систем за администрирање на парични надоместоци, социјални услуги и јавни овластувања Овој систем веќе се пилотира во четири центри за социјална работа – Берово, Кратово, Ресен и Македонски брод, а во периодот кој што следува ќе се вклучат и останатите центри со користење на електронскиот систем.

Придобивките од овој систем се големи, бидејќи овозможува веднаш да бидат видливи сите права кои што ги добива едно домаќинство од системот на социјална заштита.

Соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката во насока на успешно имплементирање на проектот во целост со акцент на испорака на квалитетни услуги на оние граѓани кои навистина им се потребни за достоен живот.

Текстот Средба Лимани – Светската банка: Резултатите од заедничката работа се видливи, испорака на квалитетни услуги до граѓаните на кои навистина им се потребни е превземен од МАКФАКС.