Здружението на судии е загрижено за фактот што поедини судии се дискредитираат во јавноста, без притоа, како што велат, да се почитуваат принципите на правна сигурност и пресумпцијата на невиност.
Здружението кое во дописот изрази и искрено жалење за загубата на млад човечки живот, во целост се согласува и ја поддржува Подружницата на ЗСРСМ колегите од Основниот кривичен суд Скопје, во нивното барање за разумност и рационален пристап во согледување на евентуалните пропусти кај институциите, како и поддршка на граѓаните во нивното барање, исклучиво за Системски промени и зголемување на безбедноста на граѓаните, но и доследно почитување на Уставот и Законите.
„Јавната осуда на судија не смее да биде иницирана и поткрепена од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај. Повикуваме на внимателен и одговорен пристап од сите општествени гласноговорници во носењето на вакви одлуки, со цел да се зачува независноста на судската власт и да се избегнат непотребни политички или јавни притисоци врз носителите на правосудните функции“, велат од Здружението.
Се додава дека вината за системските проблеми во сообраќајот не може да се припише на судството, бидејќи сообраќајните несреќи се комплексен општествен проблем поврзан со инфраструктурата, превенцијата и свеста на учесниците во сообраќајот.