Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски претпладнево рече дека не е известен за инцијативата за разрешување на членовите на Судскиот совет која премиерот Христијан Мицкоски најави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ утре ќе ја поднесат во Собранието. Камбовски слушна за иницијативата од новинарите и рече дека очекува и Владата и Собранието да постапуваат законски.

„Во повеќе наврати сум дал изјави, сум дал мислења во поглед на постапка за разрешување на членови на Советот. Единствено место каде тоа е предвидено е во Законот за Судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој има право да поднесува иницијативи. Сите во оваа држава работиме согласно закон и Устав. Немам причина да се сомневам дека и Собранието и Владата работат согласно тие принципи“, рече претседателот на Судскиот совет, Камбовски.

Се додека е на сила актуелниот Закон за Судски совет, Камбовски смета дека треба да се почитува, а за наоѓање излез од сегашната состојба вели дека е подготвен за соработка со претставници на двете останати власти во земјава, законодавната и извршната.

„Очигледно постои некое незадоволство спрема членовите на Судскиот совет, меѓутоа во оваа држава сите власти мора да делуваме согласно закон и Устав“, вели Камбовски.

Утрово премиерот Христијан Мицкоски прво преку социјалните мрежи, а потоа и одговарајќи на новинарски прашања по посетата на обновениот Клуб на пратеници кажа дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судски совет. Доколку пратениците изгласаат недоверба, премиерот Мицкоски очекува членовите на Судскиот совет да бидат доблесни и сами да се повлечат, оти законски во моментов Собранието не може да ги разреши.

Текстот Секој има право да поднесе иницијатива до Собрание, но разрешување на Судски совет е предвидено единствено со Закон,  вели Камбовски е превземен од МАКФАКС.