Граѓаните не се задоволни од начинот на којшто функционира судско-обвинителскиот систем кај нас. Тоа е едно мочуриште кое изобилува со многу контроверзии и скандали, оцени премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој рече дека не може да се направи целосно распуштање или за кратко време да бидат детектирани аномалиите, но може да биде избран Судски совет кој, како што рече, објективно без партиски стеги и интереси ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат и какви одлуки носат.
„Цениме дека треба да удриме во чело, не треба да импровизираме и да правиме импланти. Ударот подразбира дека сето она што е во ингеренции на парламентот, односно таму каде што се бираат членовите на Судскиот совет, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е дека и покрај интерпелацијата, тие може да останат и натаму да бидат во Судскиот совет. Но во услови кога оној што те изгласал ти гласа недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро, и тогаш имаме други механизми и алатки. Но јас се надевам дека доколку парламентарците изгласаат недоверба или интерпелација на членовите на Судскиот совет, тие ќе бидат доблесни и ќе се повлечат“, рече премиерот.
Мицкоски претходно во објава на социјалните мрежи извести дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.
Текстот Мицкоски очекува откако ќе им се изгласа интерпелација, членовите на Судски совет да бидат доблесни и сами да се повлечат е превземен од МАКФАКС.