На денешното рочиште за грабнувањето и убиството на 14-годишната, Вања Ѓорчевска и убиството на велешанецот Панче Жежовски, Обвинителството прикажа снимка на која, како што тврди, се гледаат Љупчо Палевски-Палчо и Велибор Манев кои со возило „рено кангу“ се враќаат во седиштето на партијата Десна по извршувањето на убиството на Вања Ѓорчевска.
Снимката е од системот „Безбеден град”, а е направена на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“.
Една од обвинителките изјави дека видеото е снимено на денот на грабнувањето, а возилото се движи од Чаир кон Бит Пазар. Како што тврди Обвинителството, со автомобилот управувал Палевски, а на совозачкото седиште е Велибор Манев.
Видеоматеријалите што ги презентираше Обвинителството се однесуваа на движењето на возилото Цитроен и Рено Кангу на денот на грабнувањето на Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 година. Цитроенот со кој е грабната Вања во Дебар Маало пред хотелот Парк пристигнува во 6:37. Во 7:29, како што посочи Обвинителството е всушност времето кога е извршено грабнувањето. Заедно со возилото Рено Кангу во 7:49 се гледаат како се движат низ Визбегово кон селото Бразда каде Цитроенот, според Обвинителство е запален околу 9:30. Потоа Реното Кангу само се враќа назад, низ Чаир и во 10:00 часот се паркира пред седиштето на партијата Десна.
Палевски и неговата одбрана негираа, забележувајќи дека од снимките не можат да се препознаат лица и да се тврди дека тоа се Палевски и Велибор Манев.
Следното рочиште е закажано за в петок (7 февруари), кога треба да сведочи и Гоце Трајковски.