Финска го одобри својот 27-ми пакет воена помош за Украина во вредност од 198 милиони евра, соопшти финското Министерство за одбрана.

Пакетот ја зголемува вкупната воена помош на Финска за Украина на 2,5 милијарди евра од почетокот на војната во Украина во 2022 година, се вели во соопштението на финското Министерство за одбрана.

Содржината на последниот пакет помош останува тајна, како и со претходните пакети.

Претходно и шведската влада вети дополнителна воена помош од 1,2 милијарди долари за Украина, велејќи дека Европа треба да се подготви да преземе поголем дел во поддршката на Киев, јави агенцијата АФП.

Шведскиот министер за одбрана Пал Џонсон рече дека пакетот помош, 18-ти во земјата од инвазијата на Русија врз Украина во 2022 година, е најголемиот досега и е знак дека Шведска е подготвена да ја поддржи Украина на „долг рок“.