Министерот за внатрешни работи излезе со став во јавноста по смртта на 22-годишната Фросина Кулакова која беше усмртена на „Партизанска“ од 20-годишниот Васил Јованов кој бил во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола, а улицата ја поминал на црвено светло. Тој има и проблематично минато со дрога поради кое завршил само во поправна установа со одлука на судија, а и претходно предизвикал сообраќајна  незгода без возачка за која поминал со исплатени 18.000 денари.

Министерот Тошковски изрази сочувство до семејство на девојката и констатира дека јавноста, во случајот, со право прашува, како е можно лице со криминално досие, без возачка дозвола, со голем број на претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот.  Ова не се само дилеми за дискусија, вели министерот, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија.

Тој соопшти дека возачот е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази, но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам.

„Ова е точката каде што мора да се преиспита дали постојните законски решенија се доволни? Дали воспитните мерки за сторители на сериозни дела носат резултати или само создаваат нови жртви? Дали висината на кривичните санкции за најтешките кривични дела во областа на сообраќајот е соодветна или е премногу блага за да има реален превентивен ефект?“, вели Топковски.

Најави дека ставање во функција на системот „Безбеден град“, ќе се овозможи автоматско санкционирање на сообраќајните прекршувања, без селективна правда, без оправдувања, без влијание на човечки фактор. Контролата ќе биде построга, казните неизбежни. Но, ниту едно техничко решение нема да биде доволно ако правосудниот систем не гарантира соодветно санкционирање, особено за оние кои веќе еднаш покажале дека се опасност за другите, вели Тошковски.

Според него, гневот е разбирлив, а недовербата во институциите е оправдана, но ова не смее да заврши само со пишување на гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените мора да бидат реални. Секој во системот мора да ја понесе својата одговорност.