Министерството за образование и наука (МОН) е тука за да посредува, но нема ингеренции, вели министерката Весна Јаневска во врска со барањето на студентите од УКИМ средба со неа, поради дополнителните трошоци.

Јаневска рече дека МОН со студентската организација има континуирана соработка и постојани средби, а ако тоа не е таа, тогаш се секторите и службите од Министерството.

„Веќе сме информирани за тоа што студентите го бараат. Секако дека постои можност да дојдеме до договор. Сметам дека факултетите, но и студентите, ќе имаат разбирање за целокупната ситуација. Верувам дека факултетите како и секогаш ќе им излезат во пресрет на студентите. Министерството е тука да посредува, како што и секогаш тоа го правело, затоа што овде МОН нема ингеренции. Но, обврска наша е да помагаме и на едните и другите, сепак за развој на образованието и науката“, рече Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање.

Претходно, Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС-УКИМ) истакна дека воведувањето дополнителни трошоци за материјални и онлајн ресурси на некои факултети не треба да бидат на товар на студентите. Во соопштение на УСС се наведува дека ќе се бара итен состанок со министерката за образование и наука Весна Јаневска, „со цел во најбрз можен рок дополнителните трошоци да бидат надоместени од државниот буџет, како што е предвидено согласно Законот“.