Министерот за правда Игор Филков упати сочувство до семејството и пријателите на прерано загинатата Фросина Кулакова, која беше смртно прегазена завчера на булеварот „Партизански одреди“.
„Некогаш нема утешни зборови, но она што можам да се заложам е дека мојата политичка позиција и мојата човечка мисија ќе ја насочам за менување на работите од корен. Целиот систем мора да се менува однадвор и одвнатре“, вели министерот.
Од Обвинителството претходно соопштија дека дваесетгодишникот кој го управувал возилото на неговиот татко, немал возачка дозвола, бил под дејство на алкохол и поминал на црвено светло додека девојчето поминувало улица на обележан пешачки премин.
Во врска со минатото на младиот возач без дозвола, ова не била негова прва сообраќајна незгода. Тој предизвикал сообраќајка и на 4 ноември 2022 година, во која едно лице добило полесни повреди. Со изјавена согласност на оштетената, јавен обвинител донел решение со кое не се презема кривично гонење, а тој уплатил паричен износ од 18.000 денари.
Обвинителството се произнесе и за неговото минато со дрога. Имено, МВР против возачот поднело кривична пријава на 30 март минатата година поради неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Осомничениот на 2 април почнал да ја издржува мерката притвор за ова дело, но истрагата била завршена за помалку од 2 месеца. Обвинителството во мај барало продолжување на притворот, и бил продолжен до 31 јули, кога Основниот кривичен суд Скопје донел пресуда со која го огласил за виновен и му изрекол воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом, информираа од Обвинителството.
Јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложил жалба и предметот сѐ уште е во жалбена постапка.
За денес во 13 часот најавен е протест на местото на кое почина девојката, кај Универзалната сала.