Директорот на Македонски народен театар, Никола Кимовски, заедно со еминентниот режисер, Дејан Пројковски, престојуваат во официјална посета во Унгарија, по повод потпишувањето на меморандумот за соработка со еден од најголемите и најзначајни театри во Европа – Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта.

Со овој договор Македонскиот народен театар и Националниот театар на Унгарија стануваат партнери кои што ќе реализираат заеднички проекти и размена на претстави од двата театри. Договорот вклучува реализирање и размена на претстави, уметници и идеи, како и зајакнување на соработката за нови театарски проекти.

Во рамките на оваа соработка, двете институции ќе организираат заеднички настапи, размена на уметнички тимови, учества на фестивали, како и други културни настани што ќе го збогатат театарскиот живот во двете земји. Меморандумот има за цел да ја зајакне меѓународната размена и промовирањето на уметноста и културата на двете земји. Посебен акцент е ставен на поддршката на млади театарски уметници.

Со потпишување на оваа значајна соработка се поставува основа за заедничка работа и унапредување на културната размена, преку која ќе се создадат услови за продлабочување на соработката меѓу нашите две театарски институции.

Една од главните заложби ќе бидат и заедничките европски проекти, со цел преку нашата работа да создадеме нови естетски вредности и креативни искуства.

Како што истакна директорот, Никола Кимовски, веќе се договорени гостувања на МНТ во Будимпешта и гостување на Националниот театар (Nemzeti Színház) во Скопје. Исто така, тој истакна дека по повод јубилејот „80 години МНТ“, наш драг гостин ќе биде директорот на Националниот театар (Nemzeti Színház), Атила Видњански со неговите најблиски соработници.

Текстот Македонскиот народен театар и Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, потпишаа меморандум за соработка  е превземен од МАКФАКС.