Генералниот штрајк или „општа граѓанска непослушност“ на кој беа поканети граѓаните на Србија од студентите во блокадата, започнува денеска, објавуваат тамошните медиуми. „Ние не одиме на работа, не одиме на предавања, не ги извршуваме секојдневните обврски. Ја земаме слободата во свои раце. Вашето учество прави разлика“, напишаа студентите на Инстаграм во средата. Бројни компании, здруженија и политички партии најавија дека ја поддржуваат оваа акција, пренесува Н1 кој известува дека се приклучува кон генералниот штрајк и за тоа ќе известува само денеска.

Најавено е дека во 11:52 часот на повеќе локации во Србија ќе продолжи оддавањето пичит кон загинатите во несреќата на железничката станица во Нови Сад, по што ќе се одржи генерален штрајк.

Поради одлука на Управниот одбор на Адвокатската комора на Србија (АКС), адвокатите денеска ќе започнат тридневен прекин на работа, кој ќе трае до 26 јануари, поради прекршување на владеењето на правото и закана за автономијата и независноста на Адвокатската комора на Србија.

За време на прекинот на работата, адвокатите нема да влегуваат или престојуваат во просториите на судовите, обвинителствата, полицијата, органите на управата, јавните извршители и нотарите по ниту една професионална основа, се наведува во соопштението на АКС, според написите.

Демократската партија денеска соопшти дека го поддржува генералниот штрајк бидејќи овој метод на борба е „патоказ до правдата“.

Во соопштението на таа партија се наведува дека граѓаните имаат легитимно право да се побунат против лошата власт.

„Генералниот штрајк е начин да се спроведе овој бунт мирно. Никој што ја води оваа легитимна борба не може да сноси никакви последици за неа. Студентите ќе имаат предавања, вежби и испитни рокови кои ги пропуштиле поради мудрата и херојска борба што ја водат. Ниту еден родител, наставник или ученик кој учествува во блокадите не може да биде санкциониран на кој било начин поради борбата за нормална Србија“, додаваат од партијата.

Текстот Генерален штрајк во Србија, протест закажаа и адвокатите е превземен од МАКФАКС.