Бегалецот Артан Груби, поранешен министер и вицепремиер, сè уште не е достапен за македонската полиција. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес рече дека нема официјални податоци за тоа каде се наоѓа Груби, но извести дека за неговото бегство се истражува дали му помогнал само полицаецот или се работи за организирана група, која помагала.

„Неоспорно е дека полицискиот службеник не погледнува во мониторот и му дозволува да излезе, тоа е неоспорен факт. Тука имаме кривична пријава. Во делот на тоа дали ова е организирано, дали имало други вмешани, се води соодветна постапка под надлежност на Јавното обвинителство“, рече министерот Тошковски денес по седницата на управувачкиот Комитет за координација со системот за управување со кризи.

Тој посети дека Министерството за внатрешни работи уште од првиот ден кога, како што рече, се случил немилиот настан, презема дејства. Внатрешната истрага констатирала вина кај полицискиот службеник и поднела кривична пријава, а сето она што било обезбедено како доказен материјал е предадено на Обвинителството за да се утврди дали станува збор за група што го организирала бегството или е пропуст само на полицискиот службеник за кој се преземени и чекори во насока на суспензија.

Поранешниот вицепремиер и министер, Груби, е во бегство повеќе од еден месец. Министерот Тошковски, веднаш по бегството, го повика Груби да се врати во земјата и да докаже дека е чист како солза, како што тврдеше кога се најде на црната листа на САД. По него е распишана меѓународна потерница, а Кривичниот суд му одреди мерка притвор, која ќе се применува од моментот кога тој ќе стане достапен за органите на прогонот. Како соизвршител осомничен е за проневера во службата во истрагата за набавка на ВЛТ-апарати во „Државната лотарија“.

Текстот Тошковски: Неоспорно е дека полицаецот не погледнува во мониторот и му дозволува на Груби да излезе, се води постапка дали има други вмешани е превземен од МАКФАКС.