Иран мора да го направи првиот чекор кон подобрување на односите со земјите од регионот и со Соединетите Американски Држави, со тоа што јасно ќе стави до знаење дека нема цел да развие нуклеарно оружје, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток на Светскиот економски форум во Давос, тој рече дека се надева оти Иран ќе се ангажира конструктивно со другите земји во регионот.

Во врска со Појасот Газа, Гутереш рече дека се надева оти конфликтните страни ќе разберат дека ќе имаат корист од траен прекин на огнот, што може да го отвори патот за преговори за решение со две држави.

Гутереш  ги повика израелските безбедносни сили да покажат максимална воздржаност на окупираниот Западен Брег, каде што почнаа голема воена операција во Џенин.