На повидок е голем роднинско-корупциски скандал поврзан со работата на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, објави на прес-конференција потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.

Како што рече, тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станува раководител на подружница од истата фирма во ек на самата тендерска постапка.

„Еве ја целата шема, како парите на граѓаните завршуваат во џебовите на роднините на функционерите од ДПМНЕ. СОЗР, орган во рамки на Владата склучила договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан ДООЕЛ“, вреден 3,5 милиони евра. Огласот за тендерот бил распишан на 10 октомври 2024 година и до тогаш, компанијата е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а управител е Анета Јарчева. Но, само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски, роднина на Томовски, влегува во „Праеториан ДООЕЛ Скопје“. Регистрирана е подружница во Охрид и за нејзин раководител е избран токму роднината на Томовски, Власе Танаскоски. Адресата на подружницата се совпаѓа со седиштето на компанијата „Гашо Пласт“, чиј сопственик е уште еден близок роднина на истиот функционер“, изјави Илиевски.

Според него, ова е класичен пример за злоупотреба на функцијата и директен конфликт на интереси, а Владата овозможува коруптивни шеми.

СДСМ бара итна реакција од Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство и сите надлежни институции.