Симона Ѓорчева, музички менаџер и режисерот Ненад Витанов се новите селектори на музичкиот и драмскиот дел од програмата на НУ „Охридско лето“.

Директорот Ѓорѓи Цуцковски најави дека заедно со селекторите ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма. Вели дека ќе се залага да се искористи високиот уметнички кадар од Европа а ангажманот на Симона Ѓорчева во Македонија е прв пример за тоа. Според него нејзиниот придонес ќе биде од огромно значење во создавањето на една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековна традиција на Фестивалот.

„Со професионалноста и умешноста на новите селектори ќе внесиме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознае стручната критика и нашата верна публика“, вели Цуцковски.

Ѓорчева и Витанов се истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, со богата меѓународна професионална кариера.

Годинава од 12 јули до 20 август ќе се одржи 65 фестивалско издание на „Охридско лето“.

Текстот Цуцковски: Заедно со новите селектори ќе создадеме врвна уметничката програма на „Охридско лето“ е превземен од МАКФАКС.