Насер Селмани
Поранешниот министер за надворешни работи, Никос Коцијас, неделава за европскиот портал Еуроаткив коментирал за спорот на Бугарија со Северна Македонија. Како добар професор и дипломат, Коцијас ја искарал Софија што не сваќа дека на нејзината западна граница се создала нова нација со сопствен јазик повикувајќи ја да биде фактор на стабилност, а не да глуми Херкулес без мускули.
За овој став, Коцијас доби невиден публицитет во македонските медиуми затоа што навидум не тапша по рамо оти ги искарал лошите Бугари, кои не блокираат да почнеме преговори со Европската унија!
Ако по нешто се познати Грците, тоа е нивната итрина! За тоа сведочат дури и старите римјани, кои ни ја оставија познатата изрека: Не верувајте им на Данајците и кога дарови ви носат!
Изјавата на Коцијас не само што е итроштина, туку и невидена злоба и сеирџиство, која има за цел да поттикне двајца скарани соседи да искрварат до последна капка крв, не затоа што имаат чуство дека некој во спорот е обесправен, туку затоа што така налагаат грчките национални интереси во регионот. Колку поостро се карат Бугарија и Северна Македонија, толку повеќе губат двете земји, а може да профитира Грција, која води иста политика кон регионот уште од Првата балканска војна! Кој тоа не го разбира, или е незнајко или свесно глуми лудило!
Коцијас во случајот покажува и невидена непристојност кон македонските граѓани сметајќи дека тие имаат толку кратко памтење. Се ќе беше поинаку ако овој господин доаѓаше од било која друга земја, само не од Грција, која речиси 30 години го трмозеше северниот сосед, за кој денеска лее крокодилски солзи. Го принуди дури да го смени и сопственото име само за да влезе во НАТО и да се надева дека еден ден ќе стане членка на Еврпската унија.
Дополнително, Коцијас беше грчки министер за надворешни работи, кој во 2018 година ја натера Северна Македонија да се откаже од македонското национално малцинство во Северна Грција. Врвна хипокризија е да бараш од друг да направи нешто што и самиот не го правиш! Грција е единствена земја во Европа, каде не се признаваат етнички малцинства, иако секој рационален чевек прифаќа дека во Грција има национални малцинства, кои стравуваат да го истакнуваат нивното етничко потекло затоа што можат да имат последици од грчките власти. Официјалната политика на Атина уште не го признава насилното протерување на Македонците од Северна Грција и Албанците од Чамерија!
И на крај, да искажува грижа поранешен грчки дипломат за мирот и стабилноста во регионот, тоа навистина најблаго речено е спрдачење со сите нас балканците. За време на југословенската криза, владите во Атина, без разлика дали биле леви или десни, секогаш биле на погрешната страна. Не сме заборавиле дека грчката политика до последен момент го поддржуваше режимот на спрскиот вожд, Слободан Милошевиќ, кој предизвика страшни страдања на сите југословенски народи.
Грција, како земја на НАТО, официјално е во војна со Албанија, друга членка на НАТО, затоа што одбива да го укине таканаречениот воен закон од 1940 година. Не го укинува затоа што треба да им го врати конфискуваниот имот на Чамите од Јужен Епир, кои колективно се обвинети како соработници на режимот на Хитлер. А да не збориме за односите на Грција со Турција, тоа е посебно историја!
Ако навистина Коцијас сака да се најде решение за спорот меѓу Скопје и Софија, тогаш како прв комшија, најдобро е да молчи, а не да долева масло на конфликтот. Нас ни треба решение кое ќе ни го отвори патот на преговори со Европската унија, а не тапшање по рамо. Од тоа ние немаме никакво фајде!
Насер Селмани