Рокот за регистрација на возилата со странски таблички со половина од редовните давачки тече од вчера, кога влезе во сила Законот со кој ова се реализира.

Сопствениците на вакви возила царинските и другите процедури до регистрација во земјата имаат време да ги завршат до крајот на годинава.

Можност на овој начин да добијат македонска табличка имаат граѓаните кои имаат возило со најмалку ЕУРО4 стандард, кое е увезено најдоцна до почетокот на октомври лани. Исто така, се бара овие возила да имаат уредна регистрација и зелен картон од земјата од каде се донесени.

Најголем дел од возилата со странски таблички што се возат низ државата се бугарски, а нивните сопственици се со бугарско државјанство. Поголемиот дел од нив ги поседуваат граѓани од струмичкиот регион. Тие информираат дека дел од овие автомобили останале паркирани уште од пред празниците, бидејќи биле мета на засилени полициски контроли.

Со законот за легализација на возилата со странски таблички се уредуваат постапката и условите за регистрација на моторни возила за превоз на патници (категорија М), возила за превоз на товар (категорија Н), возила на две и три тркала и квадрацикли (категорија Л) и приколки – вклучително и полуприколки (категорија О).

(С.В.)