Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека не верува оти новоизбраниот претседател Доналд Трамп би се обидел да го заземе Гренланд со сила.

„Немаме причина да веруваме дека тоа ќе се случи“, рече данската премиерка.

Фредериксен рече дека се обидува да воспостави разговори со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за неговите изјави за преземање контрола врз Гренланд.

„Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните“, рече Фредериксен додавајќи дека Данска е отворена за дискусии за американските интереси на Арктикот, пренесува „Анадолија“.

Претходно, Фредериксен се сретна со лидерите на политичките партии во данскиот парламент, вклучително и двајца претставници од Гренланд, за да ги информира за начинот на кој владата се справува со настаните.

„Предложивме разговор. Мислам дека ништо конкретно нема да се случи пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател“, рече Фредериксен.

Трамп, чија инаугурација е на 20 јануари, повторно го иницира контроверзното прашање на платформата Truth Social.

„Гренланд е неверојатно место и луѓето ќе имаат огромна корист ако и кога ќе стане дел од нашата нација. Ќе го заштитиме од многу злобниот надворешен свет. Направете го Гренланд повторно голем“, напиша Трамп.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави во средата дека островот нема амбиции да стане сојузна држава во рамките на Соединетите Американски Држави.