Стотици пожарникари, кои исто така се затвореници, помагаат во борбата против разорните пожари кои веќе неколку дена беснеат во Јужна Калифорнија, пишува „Гардијан“.

Калифорниското одделение за казни и рехабилитација вчера објави дека распоредило 395 затвореници, пожарникари во 29 тимови додека округот се бори со повеќекратни, неконтролирани пожари поттикнати од екстремни ветрови и суви услови. Тимови од затвореници работат со калифорниското одделение за шумарство и заштита од пожари и со речиси 2.000 професионални пожарникари, кои се преоптоварени од повеќе итни случаи одеднаш.

Според Гардијан, Калифорниското одделение за казни и рехабилитација управува со повеќе од 30 „пожарникарски кампови“ низ целата земја, каде што затворениците отслужуваат казни и добиваат обука за гасење пожари, обезбедувајќи им поддршка на властите за време на пожари, поплави и други катастрофи. Овие кампови се сметаат за минимално обезбедени објекти, пишува Гардијан.

Калифорнија, која се соочува со подолги и поразорни сезони на пожари поради климатската криза, долго време се потпира на затворениците во реакцијата на шумските пожари. Екипите на Калифорниското одделение за казни и рехабилитација понекогаш сочинуваа и до 30% од противпожарната сила на државата.