Ништо не може да го покрие катастрофалното (не)работење на Борче Јовчески, најлошиот градоначалник во историјата на Прилеп. Трите години од неговото, таканаречено, „менаџирање“ со градот и потрошените 70 милиони евра без да реализира ниту едно изборно ветување, значат тригодишен застој на сите општествени процеси во општина Прилеп, оценуваат од СДСМ Прилеп.

Според нив, безмилосното и непланско трошење на парите на граѓаните кулминирало со склучувањето договор за набавка на нов службен автомобил, по цена од, како што велат, фантастични 65.000 евра.

„Во услови кога големото мнозинство граѓани на Прилеп се соочува со проблеми од егзистенцијален карактер, бркањето луксузи со нивните пари е, најблаго речено, тежок безобразлук. Од тие причини, апелираме до градоначалникот Борче Јовчески да се откаже од намерата и да го поништи договорот за купување автомобил. Наместо за луксуз, Јовчески и ДПМНЕ овие средства можат да ги пренаменат за делумно исполнување на нивното изборно ветување – набавка на 10 патнички комбиња или помали превозни средства за пристап до сите делови на општината“.

Го потсетуваат Јовчески и ДПМНЕ на лошата состојба на возниот парк во прилепската Територијална противпожарна единица и неопходната потреба од набавка на ново противпожарно возило.

„Градоначалниче Јовчески, охрабри се и конечно направи нешто добро за градот и прилепчани – откажи се од купувањето луксузен службен автомобил“, му порачуваат од СДСМ Прилеп.

Текстот Прилепските социјалдемократи до градоначалникот Јовчески: Охрабри се и откажи се од купувањето службен автомобил е превземен од МАКФАКС.