Индонезиски поморски тим извади турбина на авионот што се урна во саботата, кратко време по полетувањето од главниот град Џакарта, изјави денеска официјален претставник.

Фото: EPA-EFE/ADI WEDA

Турбината е пронајдена од поморскиот брод Ригел опремен со тродимензионален сонар, изјави високиот офицер Ори Ронсумбре.

Претходно беа пронајдени делови од авионот и човечките тела за кои се веруваше дека биле во Боингот 737-500 на компанијата „Сривиџаја Ер”, кој исчезна од радарите во саботата, само четири минути по полетувањето од меѓународното пристаниште Соекарно-Хата.

Нуркачите денеска тргнаа во потрага по црните кутии на авионот со 62 патници и членови на екипажот, што се урна во Јаванско море, соопшти морнарицата на Индонезија.

– Утрово нашите нуркачи започнаа да работат на тоа подрачје, рече денеска вицеадмиралот Абдул Расид.

Војската во неделата објави дека се лоцирани црните кутии составени од снимачи на податоци за летови и снимачи на звук во пилотската кабина.

Засега не е позната причината за падот на авионот, но податоците на шведската мрежна страница Флајтрадар 24 покажуваат дека авионот одеднаш забавил и започнал да паѓа кратко по полетувањето.