Јасно е дека олигарсите кои ја заробија државата објавија војна на еднаквоста и на принципите на еднакви можности за сите граѓани, велат од Демократската Унија за Интерграција повикувајќи ја Владата да го усвои Законот за рестриктивни мерки како прв чекор кон враќање на владеењето на правото и економската праведност, како и да спроведе ревизијата на процесот на приватизација.

„Ревизијата на процесот на приватизација е неопходна. Тоа не е само барање, туку обврска кон граѓаните кои со години се жртви на неправедните и корумпирани практики што ја доведоа нашата економија во оваа состојба. Ги повикуваме институциите веднаш да преземат чекори за деолигархизација, а Владата да престане да биде заробена од спонзорствата на овие олигарси“, порача ДУИ.

Партијата додаде дека деолигархизацијата не е избор, туку услов за напредок на нашата земја кон вистинска демократија и интеграција во Европската унија, па затоа време е Владата да ги стави интересите на граѓаните пред личните и интересите на олигарсите.