Под влијание на циклонска активност и студена воздушна маса од север времето денеска ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд и снег во пониските места, а на планините и повисоките места од снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните и крајните источни делови (над 25л/м2) каде на планините ќе се зголеми постојната снежната покривка, а помала снежна покривка ќе се формира и во некои од пониските места.
Ќе дува умерен до засилен јужен, а во текот на ноќта засилен северен ветер (над 60км/ч). Потоа до четврток ќе се задржи променливо облачно, студено и ветровито време со локални врнежи претежно од снег, особено во среда.
Во Скопје, облачно и студено со врнежи од дожд, а во повисоките делови од котлината врнежите ќе преминат во снег, особено попладне. Ќе дува умерен југоисточен, а во текот на ноќта повремено засилен северен ветер. Во следните три дена ќе има услови за провејување на снег, особено во среда.