Двојазичен поздрав на кондуктер во воз предизвика скандал во лингвистички поделената Белгија.
Националното тело за заштита на јазиците спроведува истрага откако патник што зборува холандски се спротивстави поради употребата на поздравот „бонжур“ (bonjour) – што значи „добро утро“ на француски од страна на кондуктерот за да го пречека во возот што патува од Мехелен во Фландрија за Брисел.
Пишувајќи на Фејсбук, Иљас Алба, кондуктер кој зборува француски, призна дека дента ги поздравувал патниците кои влегувале во неговиот вагон со „goeiemorgen, bonjour“. Употребата и на холандскиот и на францускиот поздрав налутила еден патник што зборува холандски, кој го предупредил кондуктерот:
„Сè уште не сме во Брисел, мора да користите само холандски!“
Патникот бил технички во право, бидејќи според сложените правила, кондуктерите теоретски треба да ги користат двата јазика само во Брисел и во неколку други двојазични региони.
„Ја проверуваме жалбата“, соопшти Постојаната комисија за јазична контрола, додавајќи дека ќе побара од националниот железнички оператор, „СНЦБ“, повеќе информации за спроведувањето на јазичната политика.
Бизарниот случај предизвика бурни реакции во Белгија, каде што политиката во голема мера го следи јазичниот јаз меѓу северот што зборува холандски и југот што зборува француски. Жорж Гилкине, министерот за транспорт кој зборува француски, излезе во одбрана на кондуктерот, кој нагласи дека во мала земја како Белгија, регионалните граници постојано се преминуваат.
Некои политичари кои зборуваат холандски не се согласуваат.
„Не можеме само да ги фрлиме нашите јазични закони“, рече Семи Махди, лидер на фламанската Христијанско-демократска партија (ЦД&В).
Од своја страна, „СНЦБ“ повика на „повеќе флексибилност“ во примената на јазичните правила.
„Да се поздрави на неколку јазици е едноставно убаво, можеме само да им се заблагодариме на нашите кондуктери за тоа“, изјави портпаролот на железничкиот оператор за АФП.
Текстот Кондуктер во Белгија ги поздрави патниците со „бонжур“, изби скандал е превземен од МАКФАКС.