Премиерот на Бугарија Димитар Главчев го потврди ставот на официјална Софија во однос на пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија, објави БГНЕС, пренесува Трибуна.

Темата беше во фокусот на телефонскиот разговор меѓу бугарскиот премиер Главчев и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Двајцата разговарале за подготовката на редовниот состанок на Европскиот совет на 19 декември, кој ќе биде првиот со кој ќе претседава Кошта.

„Со неевропско однесување не може да се постигнат европски резултати“, нагласил премиерот Главчев. Бугарскиот премиер истакнал дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на Република Северна Македонија, под услов да се почитува Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, како и да се спроведат клучните реформи поврзани со владеењето на правото и добрососедските односи.

Димитар Главчев беше категоричен дека во бугарското општество има целосна едногласност на оваа тема и дека ниту еден бугарски премиер, без разлика дали е технички или редовен, нема да поддржи став поинаков од оној што официјално го усвои бугарскиот парламент. Премиерот Главчев изјавил уште дека Бугарија останува посветена на европската перспектива на регионот, но неопходно е да се надминат разликите преку конструктивен дијалог и меѓусебно почитување.