Со протестен марш, кој започна пред Министерството за животна средина, попладнево иницијативата „Зелен хуман град“ заедно со други граѓански организации го изразија своето незадоволство од високото ниво на аерозагадување во земјата.

„Што ви дишат децата“, „Сакаме воздух“, „Уа“, извикуваа присутните вечерва.

„Имаме работа со комплетно неразумни политичари кои не тешат дека загадувањето не се решава преку ноќ. Колку ноќи им требаат на овие луѓе. Тоа не е ноќ, тоа е мрак повеќе од една деценија, во кој многу луѓе испуштија здив“, беше истакнато од говорниците на протестот пред парламентот.

Реагираа на проектираниот буџет за следната година, каде како што оценија, пари за загадувањето нема.

„Секоја година трошат се повеќе милијарди, а за воздухот пак нула, нема ништо. Тие што треба да не штитат и да ни го овозможат уставното право за чиста животна средина, тие не трујат со наши пари“, беше посочено на протестот.

„Следен пат треба да маршираме пред амбасадите затоа што тие повеќе се грижат од нашите избраници кои ние ги плаќаме. Се што е направено досега за загадувањето е направено со странски пари и од надвор, овие парите ги чуваат за тендери“, потенцираа говорниците на протесниот марш.

Маршот почна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, продолжи пред Собранието, а Владата беше последна пред која се упатија насобраните граѓани.