На членовите на Демократската унија за интеграции им е многу јасно дека утре не може ништо да се случи со Законот за јазиците во Уставниот суд оти тие ги избираа судиите и никој не можеше да биде уставен судија или каков било судија без да помине филтер низ нивните структури, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Тој уверува дека ситуацијата е под контрола и дека утре нема да се случи ништо оти се работи за процес што може да трае со месеци или години и ги повика граѓаните да не дозволат да бидат злоупотребени.
„Тие точно знаат дека, за да дојдеме до конечно решение, какво и да е, не е важно, најпрвин го имаме оној што е за овој случај надлежен судија да го репортира, да им објасни на своите колеги, па јавна дискусија, јавна расправа, па подготвителна седницата, така што тоа е процес што ќе трае со месеци, можеби и години. Нивната цел беше сега како политички глодачи да начекаат и да видат – еве сега знаеме како одат процедурите, ние ќе правиме политички притисок и кога нема ништо утре да се случи, да излезат во јавноста, нормално, тоа може само политички глодачи да го прават, да излезат и да кажат еве поради тоа што ние правевме притисок, се одложи сето ова. Не функционираат така работите, а ним им е многу јасно како функционираат работите. Затоа ги молам уште еднаш нашите сограѓани Албанци, Македонци, сите, да бидат смирени. Целата работа е под контрола, да не дозволиме да наседнуваме на провокациите на овие луѓе. Не е потребно. Тие луѓе завршија, на 8 мај беа поразени, имаме нова Влада, која точно знае што прави и кои чекори ги презема. Ве молам за смиреност, немојте да дозволите да бидете злоупотребени. Ништо нема да се случи утре, целата ситуација е под контрола. Тоа сакам да го испратам како порака“, вели премиерот Мицкоски.
Активисти на ДУИ во неделата се собраа пред Уставниот суд и поставија „стража за јазикот“, со најава дека ќе останат таму сè до утрешната седница, на која ќе се расправа за Законот за употреба на јазиците.