Денес се одржа состанок на Економско социјалниот совет. Според премиерот Христијан Мицкоски тоа е добро место за дијалог помеѓу Владата, работодавачите и синдикатите.

Како што соопшти се разговарало за буџетот на државата за наредната година и предизвиците врзани со надминување на проблемите врзани со стандардот на граѓаните, отворената заложба на Владата за подобрување на условите за живот и секојдневната борба за решавање на напластените проблеми беше потенцирана за време на денешната средба.

Очекувам, рече тој, наредната година веќе да имаме економија која оди напред, и произведува додадена вредност, како и раст кој ќе го почувствуваат граѓаните преку повеќе пари, подобри услови за бизнис и поефикасни услуги.

„Во буџетот кој е во собраниска процедура за наредната година предвидуваме средства за зголемување на пензиите оние преостанатите 2.500 денари во март за што се предвидени 105 милијарди денари. Што ќе биде второ зголемување на пензиите, по растот кој се случи оваа година.
За исплата на плати обезбедени се 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието, како и пари за поддршка на ранливите категории за кои се предвидени 14,5 милијарди денари, за здравствена заштита 5,2 милијарди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари. Во буџетот се предвидени растот на платите во образованието и просветните работници, растот на платите во здравството и здравствените работници, што и беше наше ветување. Во стопанството ќе се случуваат два важни процеси.

Првиот е реализација на инвестициски циклус за капитални проекти во општините за кој владата веќе обезбеди 250 милиони евра. Ќе се градат училишта, градинки, патна и водоводна инфраструктура.

И вториот циклус, е парите кои преку банките ги ставаме на располагање во форма на супер евтини кредити. Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од можеби 800 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти за сопствена потреба, како и да учествуваат во проекти кои ќе ги инвестираат општините.

Очекувам раст на БДП, исто како и раст на нивото на странски директни инвестиции“, истакна Мицкоски.

Сето ова, според него, треба да ја закрепне економијата и да ја постави на здрави основи.

„Останува да разговараме со синдикатите и работодавачите. Тој дијалог треба да донесе решенија на проблемите кои постојат но и да трасира решавање на децениските бариери и напластени пропусти кои се случувале и кое како општество придонесуваа да стагнираме.

Оптимист сум дека работите се движат во добар правец и нашата работа дава резултати. Секој час од денот го користам за решенија кои ќе го направат животот на граѓаните подобар. Уверен сум дека промените уште подрастично ќе се случуваат“, нагласи Мицкоски.

Текстот Повеќе пари, подобри услови за бизнис, странски директни инвестиции, Мицкоски очекува економски раст е превземен од МАКФАКС.