Нови 23 општини се вклучуваат во процесот на оптимизација на училишната мрежа, кој треба да обезбеди поквалитетно образование за сите ученици. Со раководствата на дел од овие општини, односно на Босилово, Делчево, Кавадарци, Струмица, Штип, Свети Николе, Старо Нагоричане и Чашка, денеска средба имаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, а се дискутираше за тоа што ќе треба да направат и тие како локални самоуправи и МОН како креатор на генералните политики, за процесот да биде успешен. За Јаневска, важно е што општините ги разбираат целите на оптимизацијата и прифаќаат процесот да се спроведе
„Започнуваме низа средби со општините од кои треба да произлезат планови за оптимизација на локално ниво. Планот дефинира конкретни активности кои ќе треба да се спроведат за да се овозможи рационално искористување на расположливите материјални и човечки ресурси и со тоа да обезбеди поквалитетен воспитно – образовен процес“, рече Јаневска.
Информирашe дека досега се финализирани плановите за 10 општини и точно е наведено каде треба да се затвори одредено подрачно училиште, во кои централни училишта ќе треба да се доградат одреден број училници и за колку деца треба да се организира превоз до други објекти каде ќе треба да посетуваат настава.
„Според анализата на УНИЦЕФ, доаѓаме до интересен факт кој вели дека од вкупниот број на ученици, 88% учат во 353 централни училишта, а 12% учат во дури 518 подрачни објекти. Значи, малку ученици има во многу голем број објекти, а секој објект создава расходи кои може и да не постојат, доколку мрежата и воспитно – образовниот процес поинаку се организираат“, додаде Јаневска.
Министерката рече дека оптимизацијата на училишната мрежа води кон воведување на едносменска настава за сите основци, што е добро, затоа што ќе ги задржи подолго на училиште, ќе учат наутро кога имаат поголема концентрација и ќе имаат содржини кои се од нивен интерес и по нивна желба. Дополнително, ќе се подигне социјализацијата и компетитивноста меѓу младите, а тоа ќе значи и подобри образовни резултати.
Нагласи дека сите чинители во воспитно – образовниот процес се согласни дека е потребна оптимизација на училишната мрежа и едносменско работење, што значи дека процесот кој е широко прифатен, полесно ќе се спроведе.