Со големо задоволство можам да кажам дека сум во постојана комуникација со студентите, а особено со Националното студентско тело и често дискутираме за предизвиците кои ги засегаат и нудиме решенија за нивно надминување. Досега прифативме повеќе нивни барања, а последното се однесува на конкурсот за доделување стипендии за студии од втор и трет циклус во државата, според кое доколку не аплицираат доволно кандидати за стипендиите за техничките науки кои се побројни, наместо средствата да пропаднат, ќе овозможиме да се искористат за стипендирање на студенти на општествени науки.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на вчерашната собраниска седница на која се поставуваа пратенички прашања.

„Одлучивме да доделиме повеќе стипендии за студенти од областа на техничките науки, затоа што тие се дефицитарни и целта е да стимулираме повеќе млади луѓе да ги одбираат овие области. И тоа е во согласност со насоките од усвоената Стратегија за паметна специјализација на државата“, рече Јаневска додавајќи дека системот на стипендирање е адаптибилен и во иднина може да се менува зависно од потребите на пазарот на трудот и соодветно стимулирање на учениците за избор на одредени области.

Јаневска потенцираше дека во минатото не се водело грижа за насочување на студентите, односно квотите за упис на биле прифаќани од Владата онака како што им биле предлагани од високообразовните установи. Најави дека од следната година, бројот на места за упис на факултетите ќе бидат дефинирани според реалните потреби од кадар.