За кредитот од Унгарија сè уште има многу отворени прашања и не е точно дека е со историски најниска камата, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање по завршување на средбата со претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

Филипче изјави дека Владата на СДСМ има давано кредити кон стопанството со многу пониски каматни стапки

„Ние дававме кредити во стопанството со многу помали каматни стапки од 1,6%. Но има многу отворени прашања. Зошто целокупната сума е повлечена веднаш и веќе сега граѓаните плаќаат камати на пари кои не се поделени, а прашање кога и за кој временски период ќе се поделат до компаниите и кои се критериумите врз основа на кои компаниите ќе ги добијат“, рече Филипче.

При тоа, Филипче потенцираше дека спорно е и тоа што сè уште не е објавена компанијата посредничка која ја наплати провизијата.

„Никогаш не се објави која е таа компанија посредничка којашто ја наплати провизијата којашто требаше наводно да биде 70.000 евра, меѓутоа ние тоа не го видовме. Многу спорни прашања има во делот на тој кредит, посебно начинот на којшто е договорен, зошто толкава сума одеднаш, да се плаќаат камати непотребно за каматна стапка за којашто нашата Влада дала многу помала камата кон компаниите“, рече Филипче.