Град Скопје ја поздрави одлуката на Владата со која, како што велат, конечно се докажа дека секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает и дека доколку јавниот интерес е на прво место можно е конструктивно да се делува во интерес на граѓаните.

Од Градот сепак потсетуваат дека Владата се’ уште има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскиот стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои ќе се стабилизира во целост состојбата во претпријатието.

„Дополнително, ја повикуваме советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го следи позитивниот пример на Владата и разумно со грижа за интересот на граѓаните како приоритет, да ги донесе одлуките во Советот на град Скопје неопходни за подобрување на состојбите во јавниот превоз“, велат од Град Скопје.

Апелираат на следната седница конечно по повеќе од 2 години советниците да ги изгласаат точките за нови автобуси за ЈСП како и за отпочнување на реализација на проектот за БРТ каде се предвидени дополнителни 60 автобуси, адаптирано согласно ветувањата од програмата „За Модерно Скопје“.

Се додава дека важно е и советниците да завземат став за барањата на приватните превозници што како одлука единствено тие можат да ја донесат за во целост да се нормализира јавниот превоз.