Скопје се буди! Урбаната сцена повторно ќе пулсира со енергијата на двајца од највлијателните артисти на македонскиот хип-хоп, Тони Зен и Слаткаристика. Два гласа, две приказни, две икони – повторно заедно на иста сцена и заеднички концерт на 5 април во арена „Борис Трајковски“ за спектаклот „Спушти се доле“.
Тони Зен и Слаткаристика беа имињата кои го држеа македонскиот хип-хоп на пиедесталот, создавајќи култни хитови што го дефинираа идентитетот на една цела генерација. Тие беа гласот на генерацијата што живееше и дишеше урбано – стиховите од нивните песни беа наши мисли, нивниот ритам беше нашиот живот. По години на индивидуални успеси, креативни експерименти и личен раст, Тони Зен и Слаткаристика решија да се вратат таму каде што сè започна – заедно на сцена. Но овој пат, не само за да го оживеат минатото, туку за да создадат нешто сосема ново. „Спушти се доле“ е повеќе од обичен концерт, не е само музички настан, туку вистинска урбана револуција – гласен повик за враќање на времето кога зборовите беа оружје, а римите резонираа како животни лекции.
На 5 април очекувајте вечер исполнета со беспрекорна енергија, хип-хоп химни и изненадувања што ќе ги спојат старите со новите генерации. Ова е моментот кога сите урбани приказни, сите скопски легенди и сите „раперски“ мечти ќе се соберат на едно место. За фановите кои растеа со нив, ова е патување назад во времето, а за новата публика – шанса да го почувствува она што некогаш беше „златната ера“ на македонскиот хип-хоп.
По повеќе од 18 години од револуцијата што ја започнаа на македонската хип-хоп сцена, Тони Зен и Слаткаристика се подготвени повторно да ја запалат публиката. Но, овој пат, сцената нема да биде само нивна – на оваа историска вечер ќе им се придружат и бројни специјални гости, создавајќи вистински музички спектакл.
Тие не доаѓаат само да ја слават својата историја, туку да покажат дека и денес ја имаат истата енергија, страст и креативност што ги издигна на врвот. Ова е нивниот повик до сите што некогаш го слушале нивниот звук да се соберат и заедно да создадат нови спомени.
Скопје, време е да се спуштиш доле. Ова не е само концерт – ова е културен феномен што никако не треба да го пропуштите, истакнува организаторот.
Картите се веќе пуштени во продажба, а истите може да ги најдете преку продажната мрежа на www.kupikarta.com, Розе Веро 2 и ЈК травел во Бисер.
Текстот „Спушти се доле“ – Концерт на Слаткаристика и Тони Зен на 5 април во Скопје е превземен од МАКФАКС.