Независниот синдикат на професионални војници (НСПВ) поднесе кривична пријава против поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска под сомнение дека ја злоупотребила службената должност и го спречила синдикалното движење. Претседателот на Синдикатот Александар Насковски цели дека и актуелното раководство во Министерството ги игнорира нивните проблеми па најави протести пред Влада доколку не се најде решение.
„Пријавеното лице во периодот од први декември 2023 година до 28 мај 2024 година го сопре функционирањето на Синдикатот спротивно на Законот за работни односи, ја сопре уплатата на членарината спротивно на колективниот договор на Министерството за одбрана, го замрзна членството и со сето тоа го спречи синдикалното движење на Синдикатот и неговото работење за подобрување на правата на припадниците на Армијата“, рече претседателот на НСВП, Насковски.
Со спречувањето на синдикалното движење, професионалните војници велат дека поранешната министерка го прекршила Законот за работни односи, колективниот договор, општиот колективен договор за јавниот сектор и конвенциите на меѓународната организација на трудот.
Насковски обвини за фалсификати и наследен криминал во Министерството за одбрана од претходната министерка.
„Како моментално најкорумпирана институција, за период од девет месеци се направија три фалсификати. Од страна на криминалната група е Министерството за социјална политика, демографија и млади. Овие фалсификати ги потпишаа тројца различни министри и се спроведоа во Министерството за одбрана. Тој криминал е наследен од претходниот министер и трае и ден денес во рамките на Министерството за одбрана. Во која НАТО армија Синдикатот е блокиран, не се почитуваат одлуките на претседателот, и средствата се префрлаат на друга сметка и на друго лице? Цврсто сме убедени дека министерот за одбрана е добро изманипулиран од структури во Министерството за одбрана кои од многу одамна делуваат во Министерството за одбрана и секогаш се појавуваат кога се во прашање професионалните војници и нивниот Синдикат“, вели претседателот на НСВП Насковски.
Тој јавно го повика актуелниот министер за одбрана, Владо Мисајловски, да го разреши криминалот оти обидите на Синдикатот да договори средба со него, не биле успешни. Во спротивно најави протести пред Влада.
„Ако во најбрз рок не се сопре ова блокирање и криминал врз Синдикатот во Министерството за одбрана професионалните војници ќе излезат на протести пред Владата на Република Македонија како во 2009 година. Овој криминал трае цели 11 месеци. Треба да има социјален дијалог, а не да се блокира и краде синдикатот. Професионалните војници бараат решавање на нивниот статус право на пензионирање по 45 година и трансформирање на работниот однос на неопределено време. 130 дена имаме игнорирање од страна на министерот, немаме социјален дијалог, не не повика да ги соопштиме овие проблеми кои се преземени од претходниот министер и претходната Влада“, рече Насковски.
Трипати се обратиле и до премиерот од каде двапати добиле половични одговори дека Министерството треба да им одговори за проблемите. Побарале средба и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова како врховен командант, но и од таму досега не добиле одговор на барањето да и ги соопштат проблемите. Поради молкот на институциите професионалните војници сметаат дека ги искористиле сите демократски начини за комуникација па им останува да излезат на протест.