Бугарската централно-десничарска партија ГЕРБ победи на вчерашните парламентарни избори, покажуваат прелиминарните резултати, но ќе мора да бара коалициски партнер за формирање влада.
Според прелиминарните резултати на Државната изборна комисија и врз основа на делумното пребројување на гласовите, ГЕРБ освоила 26,08 отсто од гласовите.
Реформистичката партија Продолжуваме да менуваме (ПП) е втора со 14,76 отсто, објавено е денеска на веб-страницата на комисијата по пребројани над 82 отсто од гласовите, додека ултранационалистичката партија Препород е трета со 13,8 отсто.
Изборите во неделата, седми во последните четири години, беа поттикнати од неуспешниот договор меѓу бугарските политички партии за формирање коалициска влада по неуспешните избори на 9 јуни.
Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов утринава им се заблагодари на гласачите за поддршката, велејќи дека неговата партија ќе формира нова влада. „Ќе соработуваме со сите освен со Препород“, рече тој.