Дали и какви мерки може да се преземат против антиваксерите во земјава ќе се знае откако ќе се изработи стратегија за вакцинирање. Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека на стратегијата веќе се работи.

„За жал антиваксерството не само во Македонија туку во регионот и во светот зема се поголем замав. Ние со Светската здравствена организација подготвуваме стратегија за вакцинација во Македонија. Се надевам дека во ноември или во декември ќе го промовираме тоа. Тука ќе кажеме конкретни чекори и што можеме да преземеме законски за тие што шират дезинформации и лажни вести. Засега не можам да кажам нешто конкретно бидејќи не знам кои се нашите можности како Министерство за здравство. Би сакал да ја видам стратегијата комплетно и преку тоа да предвидиме одредени мерки, доколку можеме да преземеме такви“, рече министерот Таравари.

Тој нагласи дека антиваксерството, за жал, е веќе глобален проблем и мерките ќе се предвидуваат во соработка со Светската здравствена организација.