Кандидатот на Републиканската партија на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп изјави дека неговата противкандидатка, демократската кандидатка Камала Харис има изопачен ум. Вака Трамп реагираше на нејзината изјава на телевизија дека е „фашист“, пренесува BBC.
„Таа сè повеќе ја заострува својата реторика и оди дотаму што дури ме нарекува Адолф Хитлер и дава секакви забелешки кои се производ на нејзиниот изопачен ум“, рече Трамп во објавата на платформата Truth Social. Во духот на нејзината, како што тврди, „екстремно левичарска политика“, ја нарече „другарка Камала Харис“ и посочи дека таа претставува „закана за демократијата“.
Освен што го нарече Трамп „фашист“, Харис го опиша како „опасен“ и „неподобен“ за позицијата за која се кандидира. Харис во емисијата на Си-Ен-Ен рече дека се согласува со изјавата на поранешниот шеф на кабинетот на Доналд Трамп, Џон Кели, кој претходно оваа недела изјави дека неговиот поранешен шеф ја исполнува општата дефиниција за фашист, објави Ен-би-си њуз. Таа рече дека коментарите на Кели, кои беа објавени само две недели пред изборите, што ќе се одржат на 5 ноември, се повик за итна помош до американскиот народ.
„Мораме да ги сфатиме многу сериозно оние луѓе кои најдобро го познаваа“, рече Харис, мислејќи на бројните поранешни советници на Трамп кои ја прекинаа соработката со него и ја предупредија јавноста дека не треба повторно да му се доверува власта.
На директно прашање дали мисли дека Доналд Трамп е фашист, таа одговори: „Да, мислам“. Самата Харис првпат го употреби овој збор во јавноста, изразувајќи го своето уверување дека на гласачите им е важно да нема претседател на САД кој им се восхитува на диктаторите и е фашист, пренесува Танјуг.
Текстот Трамп: Камала Харис има изопачен ум е превземен од МАКФАКС.