„Јон Вардар против Галаксијата“ – првиот македонски долгометражен анимиран филм беше прикажан во Бразил на 48. издание на престижниот фестивал „Мостра Сао Паоло“.
Филмот во режија на Гоце Цветановски е дел од компетитивната програма во секцијата Нови режисери.
Македонскиот супер јунак има четири проекции во рамки на фестивалот кој годинава во својата програма ги вклучи и победниците на Кан, Берлинале, Венеција, Сан Себастијан и други врвни филмски фестивали.
Режисерот Цветановски во Бразил изјави дека Сао Паоло има посебна енергија, и е милионски град со вибрантна културна сцена и развиена почит за уметноста.
„Самата номинација за најдобар филм и најдобар нов режисер е признание со кое целиот тим се гордее. Бразил е земја која одамна сонував да ја посетам, и се надевам дека ова е само прво од моите идни патешествија во Јужна Америка“, рече Цветановски.
„Јон Вардар против Галаксијата“ е најголемиот копродукциски проект на Балканот. Изработен е со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
Се работи за хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси.
Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Текстот „Јон Вардар против Галаксијата“ патува во Бразил е превземен од МАКФАКС.