Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во работните активности за хортикултурно и партерно уредување во населбата Капиштец, на потегот од Беверли Хилс до трговскиот центар Зебра.

Во тек е расчистување на теренот со механизација, а земјиштето се израмнува, што ќе овозможи понатамошно уредување на просторот.

„Наша цел е да создадеме зелени и уредени места за одмор и рекреација на граѓаните. Верувам дека овој простор ќе стане омилено место за жителите на Центар“, порача Герасимовски.

Проектот вклучува комплетно озеленување на површина од 7.840 м², како и реконструкција и нивелирање на пешачките патеки. Планирано е поставување нова урбана опрема, како што се канти за отпадоци, клупи, држачи за велосипеди, нови детски реквизити, систем за наводнување и модерно ЛЕД осветлување, кое ќе ја подобри видливоста и безбедноста во вечерните часови.

Овој проект е финансиски поддржан од претходната Влада со сума од 24.780.000 денари, а се реализира на барање на жителите на Општина Центар, кои овој предлог го доставија на ланскиот буџетски форум.