Во галеријата на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје синоќа беше отворена изложба на бугарските мултидисциплинарни уметници Гергана Змијчарова и Петринел Гочев наречена „Неравноделни“, јавува БТА, пренесува Трибуна.

Креативниот тандем, кој има заеднички проекти од областа на театарот и киното, во Скопје презентира 60 дела – фотографија, графика, живопис, скулптура, кои јавноста може да ги види до средината на јануари 2025 година.

„Она што ми го поттикна интересот е дека изложбата е всушност љубовна приказна, бидејќи Гергана Змијчарова и Петринел Гочев не се само креативен тандем, туку и семејство. Токму затоа многу луѓе можат да се препознаат во неа“, рече директорката на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, Антонија Велева, отворајќи ја изложбата.

„Работиме во различни ателјеа, а кога ја организиравме изложбата како да ги видов делата на Гергана првпат, а ги знам. Овде тие се наредени во уреден наратив. Драго ми е што можеме да ја претставиме нашата уметност пред јавноста во Скопје“, рече Петринел Гочев, кој потсети на претходните посети на Северна Македонија.

Во земјава Гергана Змијчарова и Петринел Гочев се познати по претставите „Ромео и Јулија“, изведени во 2016 година на фестивалот во Битола „БитФест“ и „Жана д’Арк“ од истата година, претставени на фестивалот „Охридско лето“.

Фотографскиот серијал на Змијчарова во изложбата „Неравноделни“ е токму за претставата одиграна во Битола, чиј дел е базиран на слики од големи уметници“, објасни Гочев.

„Не случајно изложбата се вика „Неравноделни“, ние на Балканот сме такви. Се надевам дека ќе помогне за поцврство стиснати раце меѓу двете земји“, рече Змијчарова.

Змијчарова и Гочев се добитници на награда на општина Варна од фестивалот „Љубовта е лудост“ за филмот „Бугарски брод тоне во бурно море“, голема награда од „Констанца филмски фестивал“ во 2022 година, фестивал награда на публиката на „Франкофонија“ во Италија итн.