Вечерва, 14 октомври, од 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе биде отворена изложбата САМО (ДО) ВЕРБАТА на Христина Тарабунова, која ќе биде изложена до 18 октомври. На изложбата ќе бидат претставени 12 нови и симболички дела, каде што извор на инспирација e главното и генералното верување во себеси и своите способности.
Делата се претставени во релјефен стил со акрил техника на големи платна и носат длабока носталгичност, а истовремено зборуваат со самодоверба.
Појдовна точка на овој проект е создавањето на врска со самиот себе, нежно пријателство со немирот и барање лек за стравот . Главната цел на Тарабунова, како што вели, е да ја разбуди свеста кај луѓето и да ги охрабри самостојните уметници, но и да влијае врз таа деструктивна врска каде се дозволува да се повредуваат нашите лични граници, непокането да влегуваат и да излегуваат од нашиот интимен простор, не грижејќи се за емотивните повреди каде се губи нашата индивидуалност.
Христина Тарабунова позади себе има неколку колективни изложби меѓу кои и такви со хуманитарен карактер:
„Која пудра најмногу покрива модрици”, во соработка со ХОПС;
„Донирај уметност”, КИЦ, во соработка со Зоран Кардула;
„Перото, инспирација за уметничката четка”, Славјански универзитет;
„Љубов и уметност”, Ауроом платформа;
„Преобразени предмети”, во соработка со Јасмина Главинче итн.
Учесник на неколку арт базари, дел е од АУРООМ, дигитална платформа за продажба на уметност, и има две авторски изложби од општествен карактер:
„Оној кој ќе зачува живот, го чува целиот свет”, кафе бар Излет (за децата болни од рак кои лежат на Онкологија – Скопје) во соработка со фондација Златна Рипка; Своите дела ги донираше за украсување на клиниката за онкологија во Скопје.
„ОСЛОБОДЕНИ” – документарен филм против табуата во уметноста, Комитет, поддржан од Министерство за култура на Македонија и Хелсиншки комитет – Скопје. Истиот филм конкурираше и на еден филмски фестивал за документарни филмови.
Има искуство со работилници за редизајн на јавни површини во соработка со Град Скопје, но и цртање на мурали. Од неодамна, нејзин мурал, кој сега за жал е уништен, се најде како дел од збирката скопски графити на Матеј Богдановски и Игор Анѓелков „(ДО)ЖИВЕЈ ГО СКОПЈЕ”.
Текстот Вечерва отворање на изложбата САМО (ДО) ВЕРБАТА на Христина Тарабунова е превземен од МАКФАКС.