Денеска се одржа владина седница на која се избраа портпароли на Владата на Република Северна Македонија.

За портпарол на Владата е избрана Марија Митева.

„М-р Марија Митева по професија е дипломиран правник на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – правен факултет Јустинијан I, со магистратура по деловно право и положен правосуден испит.

На професионален план, Марија поседува богато работно искуство во правната и политичката сфера, со повеќе од 10 години прогресивно работно искуство. Нејзината професионална историја вклучува позиции како советник за правни работи во Владата, како и советник за нормативни работи во Град Скопје. Во изминативе години активно се занимава со политика, што резултираше со нејзин избор за пратеник во Собранието каде беше вклучена во креирањето и разгледувањето на значајни закони и политички одлуки кои влијаат на иднината на државата.

За портпарол на Влада е назначена и Венера Љатифи Азизи.

Венера Љатифи Азизи е поранешна уредничка и новинарка во Радио Слободна Европа во Прага, уредничка во новинската агенција МИА, уредничка и водителка во Алсат М Телевизија, уредничка во весникот КОХА, А1 Телевизија, и други медиуми во земјата. Актуелно вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Чаир како одговорно лице за односи со јавноста и за поддршка на градоначалникот. Дипломиран политиколог во Универзитетот на Југоисточна Европа. Актуелно магистрант по дипломатија и меѓународни односи на тема „Улогата на дипломатските претставништва и евроатланските интеграции на Северна Македонија“, се нагласува во владиното соопштение.

Наум Стоилковски е именуван за Советник за комуникации и односи со јавност задолжен за координација на портпароли.

„Стоилковски е дипломиран новинар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Стоилковски има повеќедецениска долга и плодна медиумска и новинарска кариера во домашни и странски медиуми, каде што професионално се надоградува и извршува повеќе функции во медиумската сфера.

Во неговата кариера работел во пишани медиуми, дневни весници, неделници, работел како ТВ новинар, уредник на вести, продусер, уредник и водител на ТВ и радио емисии, како и на современите интернет медиумски содржини“, појаснуваат од Владата.