Во Специјалниот суд заврши денешното рочиште од кривичната постапка против Миљана и Владимир Кецмановиќ, мајката и таткото на момчето кое на 3 мај минатата година го изврши страотниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“. Продолжението на сведочењето на малолетниот убиец е закажано за 17 октомври, пренесуваат медиумите во соседството.

Дека денеска сведочеше малолетниот убиец потврдија адвокатите кои ја напуштија зградата на Специјалниот суд. Сепак, тие не сакаа да ги открија деталите од неговата изјава.

„Преку прашањата кои му беа поставени денеска не го дознавме мотивот и зошто тоа се случило, но мислам дека неговата денешна изјава оди во насока дека ќе се дознае. Неговото рочиште не е завршено и ќе продолжи на 17 октомври во истата зграда“, рече Огњен Божовиќ и додаде дека не смее да каже ништо повеќе со оглед на тоа што постапката е затворена за јавноста.

Адвокатката Зора Добричанин Никодијевиќ по судењето изјави дека е задоволна од денешното рочиште и од сето она што денеска го дознале при сведочењето на момчето убиец.

„За време на сведочењето дознавме многу нови детали, но за тоа не можам и не сакам да зборувам“, изјави Зора Добричанин Никодијевиќ.

Ирина Боровиќ, која заедно со нејзиниот татко Боривој Боровиќ ги застапуваат Миљана и Владимир Кецмановиќ по рочиштето изјави дека јавноста најмногу ја интересираат причините поради кои се случил овој трагично неразбирлив настан.

„Во оваа кривична постапка, ниту во која било друга постапка што се води во овој момент, ниту во оваа судница, ниту на кое било друго место, ние нема да ја дознаеме причината за овој трагичен настан. Сите причини се длабоко некаде во душата на тоа момче, кое за жал извршило злосторство, а пред тоа живеело сосема нормален и обичен живот, од гледна точка на сите што го познаваат“, изјави Ирина Боровиќ.

Судењето беше затворено за јавноста, а ова беше првпат малолетниот убиец да ја напушта специјализираната детска установа во која се наоѓа од 3 мај минатата година. Тој денеска околу 09:00 часот со болничко возило на Брза помош во придружба на полиција бил донесен во судот.

Тој не одговара кривично за делото што го сторил на 3 мај минатата година бидејќи во моментот на делото имал 13 години.

Медиумите потстеуваат дека неговиот татко Владимир Кецмановиќ е обвинет дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност, со оглед на тоа што детето 13 години го носел на стрелиште и го учел да пука, а оружјето не го чувал соодветно а го имал во својот дом.

Мајката на момчето се товари за кривично дело недозволено држење, носење и тргување со оружје, имајќи предвид дека нејзината ДНК трага е пронајдена на една од чаурите во училишната училница, како и на траката за коса со која било врзано шишето во кое нејзиниот син го правел молотовиот коктел, се наведува во написите.

Текстот Aдвокатите по сведочењето на малолетниот убиец: од „Рибникар“: едно од најстресните рочишта во кариерата е превземен од МАКФАКС.